«Интервью с Алексеем Варламовым» (на македонском)

Газета «Вечер»

Алексеј Варламов, наградуван прозаист, доктор на филолошки науки, ректор на Институтот за книжевност “Максим Горки” и предавач на Московскиот државен универзитет, деновиве ја посети и Македонија. Тој е светски познат писател чии дела се преведени на дваесетина јазици. Многу популарен е во регионот, но македонската читателска публика немала можност досега да прочита негови преведени дела. При неговиот краток престој во Скопје и Охрид, импресиониран од Македонија, посака неговиот последен роман “Душата моја Павел“ прв да биде преведен на македонски јазик. Ја следи меѓународната политичка сцена и констатира дека светот малку полудел

Вие сте универзитетски професор и многу плоден писател кој е познат во земјите од регионот, но не и на пошироката македонска јавност. Како самиот би се претставиле, како научник или прозаист?

Јас не се сметам за научник, јас сум писател, автор и јас пишувам проза. Во тие години кога влегував во литературата, кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите не беше можно да се живее само од литературниот труд. Требаше да се најде некаков друг извор на средства и затоа мојата универзитетска кариера е донекаде принудена. Таа исто така не даваше многу средства, но во комбинација со литературата, даваше можност да се преживее. Така и се случи, јас ја одбранив докторската дисертација, станав универзитетски професор, но, сепак, најважно за мене е да пишувам книги. Пишувам и документарни и уметнички книги и за мене е битно и едното и другото.

Колку Ви се блиски македонските писатели и имате ли некој роман или книга која ви се допадна?

Од македонските писатели познат ми е Венко Андоновски. Дури и лично се запознав со него, бидејќи сум член на жирито на литературната награда “Јасна полјана“ со која се наградуваат руски, но и странски писатели. Како член на жирито го оценував “Папокот на светот“ на Андоновски кој се најде на кратката листа за нашата награда.

Со биографија на позната личност, како писател сте застапени во едицијата “Животот на исклучителните луѓе“ за познатите Руси која побуди интерес во светот. Што ве поттикна да се интересирате за нивната биографија?

Во таа едиција се објавени седум книги и тие се посветени на руски писатели како Михаил Пришвин, Александар Грин, Алексеј Толстој, Михаил Булгаков, Андреј Платонов, Василиј Шушкин и уште една фигура, Распутин. За секој за кој пишував биографија јас го преживеав истиот живот и судбина со нив и секој ми е близок на свој начин. Но најдрага за мене е фигурата на Андреј Платонов. Јас го сметам за најистакнат и најдлабок писател на руската литература од 20 век, иако сфаќам дека Булгаков е попознат во светот и во Русија и имаше интересна биографија.

 Според Вас, што е она што во денешно време на дигитализација, електронски медиуми може да го заинтригира современиот читател. Имаат ли младите чувство за литература?

«Младите се различни, некои имаат, некои немаат чувство за литературата. Младите сега многу помалку читаат уметничка литература во споредба со порано. Јас сум ректор на литературниот институт и кај нас студираат тие што многу читаат.»

Колку што ни е познато, Вие држевте предавања на универзитети во Европа и во Америка на оние кои изучуваат руски јазик. Каков е односот таму кон руската литература?

Работев на универзитети со студенти кои како своја професија го изучуваат рускиот јазик и литература. Тоа беше нивен избор и тие читаат руска литература. Колку и да поминува време, значењето на писателите како Гогољ, Пушкин, Чехов, Толстој… не се намалува. Што се однесува до современата руска литература се зависи од државата и од ситуацијата. Во некои држави таа е попопуларна, како на пример во Франција. Многу се преведува од современи руски автори. А што се однесува до САД, книжевниот пазар таму е затворен и многу малку се преведува странска литература. Всушност, се зависи од писателот, некои успеваат да излезат на западниот пазар, а некои немаат таква можност. Сега има голем интерес за руската литература во азиските држави. Многу се преведува во Кина, сега конкретно излегоа две мои книги во Виетнам.

Имавте можност да го посетите Охрид, сега и Скопје. Дали првпат доаѓате во Македонија и како ја замислувавте пред да дојдете тука и за овој краток период каква слика стекнавте?

Да, во Македонија доаѓам прв пат. Бев во сите поранешни држави на Југославија,  но дури сега стигнав да ја посетам Македонија. Импресиониран сум од посетата на Охрид. Стигнав да видам повеќе историски споменици во Охрид, црквата „Св. Софија“, Музејот на икони, Калето и манастирот „Св. Наум“. Охрид ми остави голем впечаток како споменик на цивилизациите кои оставиле трага на оваа територија. Многу сум му благодарен на директорот на рускиот центар Велимир Стојковски бидејќи ја организираше посетата на Охрид, многу интересни работи раскажа и Македонија ја претстави на еден чудесен начин.

Дали и колку сте запознати со политичката ситуација во Македонија и проблемите со кои се соочува во однос на надворешната политика, па и внатре во земјата?

«За политичката состојба во Македонија многу се зборуваше во Русија. Посебно во врска со барањето на Грција, Македонија да го смени своето име. Јас имам впечаток дека во Русија, сепак, поголемите симпатии се на македонската страна. »

Без разлика што меѓу Русија и Грција постојат многувековни добри односи и сите три држави имаме општа религија и вера, сепак и мојот впечаток е дека една држава не смее да бара од друга да го менува своето име. Безусловно ние знаеме дека во Македонија се дискутира прашањето за влегување во НАТО и во ЕУ. Знаеме за одлуката на ЕУ за недавање на датумот за преговори. Ние знаеме дека мала држава често станува заложник на големите политички игри во надворешната политика. Но сметам дека симпатиите кон братскиот словенски православен македонски народ од страна на Русија се многу големи.

Како накратко би го опишале вашето видување на состојбите во Европа и светот?

За последното прашање одговорот е многу краток, мислам дека сите малку полуделе. Можеби јас имам лоша интуиција, но уште пред 10 години мислев дека основниот конфликт кој постои во светот е меѓу Северот и Југот. Мислев ако има конфликт, тоа ќе биде меѓу христијанската цивилизација и радикалниот исламизам. Но кон овие проблеми се додадоа проблеми и во самиот европски свет и остри спротивставености во словенскиот свет. Толку е сега неспокојно во Западна Европа, а таа се смета како остров на стабилноста, што сметам дека од сеизмолошка гледна точка ситуацијата е нестабилна и многу турбулентна. (Д.Т.)

«Би сакал мојот последен роман да биде преведен на македонски јазик»

Со оглед дека македонските читатели многу малку или сè уште не се запознати со Вашите дела, барем нема преведено Ваши дела на македонски, кажете ни што е во фокусот на вашиот интерес?

Многу е тешко прашањето самиот да го одредиш фокусот. Јас лично се интересирам за периодот од почетокот на 20 век и делумно настаните што се случиле во Првата светска војна, Руската револуција и, во суштина, биографиите на руските писатели за кои јас пишував се однесуваат на тој период. На истата тема е посветен и мојот роман “Замислен волк“ кој неодамна е преведен на српски, под наслов “Темната страна на душата“. Освен ова, ме интересира и проблемот на распадот на Советскиот Сојуз, бидејќи е нешто што лично го доживеав, мојот однос кон овој комплициран процес и што ние притоа изгубивме, а што добивме. Колку тоа беше неопходно, неизбежно. Дали повеќе ѝ донело зло или добро на Русија. Тоа се прашањата на кои сакам да најдам одговори. И донекаде во таа насока е и мојот последен роман “Душата моја Павел“. Јас би сакал мојот последен роман да биде и прв преведен на македонски јазик. Тоа може да биде порано отколку на српски и други јазици. 

 Фото: Ѕ. Плавевски